Шмихал: Бранителите на Мариупол се подготвени „да се борат до крај“

Локалните жители поминуваат покрај станбена зграда оштетена во јужниот пристанишен град Мариупол, 15 април 2022 година

Украинскиот премиер Денис Шмихал вети „борба до крај“ среде урнатините на Мариупол и рече дека стратешкиот пристанишен град „не паднал“ и покрај тврдењата на напаѓачките руски сили.

„Остануваат нашите воени сили, нашите војници. Така тие ќе се борат до крај. Градот сè уште не е паднат“, изјави Шмихал за телевизијата ABC на 17 април.

Изјавата ја даде неколку часа откако истече рускиот ултиматум за предавање на преостанатите борци во градот, кои се опкружени во фабрика за челик.

Премиерот Шмихал рече дека доколку е можно Киев сака дипломатско решение, но ако Русите не сакаат преговори, ќе се борат до крај и нема да се предадат.

„Нема да ја напуштиме нашата земја, нашите семејства, нашата земја. Ќе се бориме до крај“, рече Шмихал.

Заземањето на Мариупол, по неколкунеделните смртоносни напади на руските сили, би претставувало голем удар за Украина, бидејќи ќе и овозможи на Москва да создаде копнен коридор до полуостровот Крим.

Шмихал повторно испрати молба до Западот да испрати повеќе оружје и муниција за да им помогне на украинските сили, а побара и дополнителна финансиска помош.