Именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не придонесува за зближување на народите и нивните култури, се вели во писмената реакција на Претседателот Стево Пендаровски за отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Во реакцијата Пендаровски наведува дека отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, но во ваков случај тоа вели, не служи на таа благородна кауза.
„Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер“, наведува Пендаровски.
Во писмената реакција, Претседателот вели дека „во 2017 година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ“.
„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, наведува претседателот Стево Пендаровски во својот став.
На отворањето на клубот на бугарското здружение во Битола „Ванчо Михајлов“, присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.