Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ќе ја предводи делегацијата што утре ќе ја пречека владината делегација од Република Бугарија на чело со премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, соопшти Министерството за надворешни работи. Освен Османи од македонска страна ќе бидат и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани.
Утре во 15:30 часот двете делегации ќе го посетат далноводот кој тргнува од „Битола 2“ и е дел на проектот за енергетско поврзување на Коридор 8, наменет за реализација на интерконекцијата Северна Македонија-Албанија.
Бугарската делегација ќе ја посети Битола каде што ќе присуствува на свеченото отворање на клубот на Центарот за култура „Иван Михајлов“. Посетата на премиерот Петков е прва посета на бугарски премиер на Битола, соопшти прес-службата на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, пред почетокот на настанот Кирил Петков ќе разговара со претставници на бугарски здруженија во Република Северна Македонија.
Во делегацијата предводена од премиерот на Бугарија Кирил Петков ќе бидат и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и нејзината заменичка Велислава Петрова.
Во Битола ќе биде и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. Таа во недела, на 17 април, ќе престојува и во Охрид каде што ќе го посети Дневниот центар за деца со аутизам, соопштија за МИА од нејзиниот кабинет. Проектот е финансиран од бугарската влада како дел од програмата на Министерството за надворешни работи „Бугарска развојна помош“. Јотова ќе присуствува и на отворањето на канцеларија на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“.