Протест против пресудата за сообраќајката кај „Сити Мол“, судот вели пресудата е според закон

Протест под мотото „Правда за Викторија“ против пресудата за сообраќајката кај Сити мол во која загина Викторија Николова. Возачот Јордан Ѓорѓиев, беше осуден на казна затвор од три години. Семејството на Николова смета дека казната е прениска

Членови на семејството на Викторија Николова, младата девојка која во јануари годинава загина во сообраќајната несреќа кај „Сити мол“, денеска организираа протест пред Кривичниот суд – Скопје против судската одлука во која возачот Јордан Ѓорѓиев, беше осуден на казна затвор од три години.

Дел од овој протест беа и пријатели и другари на загинатата Викторија, кои носеа транспаренти со пораки преку кои го изразија своето незадоволство од пресудата. Тие ја сметаат пресудата за прениска и неправедна.

Трагичната сообраќајната несреќа се случи на 20 јануари годинава во близина на раскрсницата кај Трговскиот центар „Сити мол“, при што животот го загуби Викторија Николова, а нејзиното момче беше повредено. Според пресудата, обвинетиот се движел со брзина од 67,3 километри на час, брзина поголема за 17 километри на час од предвидената.

Пресудата беше објавена во понеделникот. Во меѓувреме од Јавното обвинителство соопшти дека првостепената пресуда е обжалена.

Кривичниот суд Скопје, пак, реагираше дека пресудата е донесена според закон, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности и ги повика странките кои се незадоволни од постапката да го искористат своето право на жалба пред Второстепениот суд.