Македонија протерува уште шест руски дипломати

Зградата на руската амбасада во Скопје

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин му врачиле дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата.

„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Ова е второ протерување руски дипломати од земјава по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари. Претходно, на 28 март Македонија протера петмина руски дипломати.

Земјава протеруваше руски дипломати и пред војната во Украина поради активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Минатата година во мај и во август беше протеран по еден руски дипломат од земјава, а Русија во октомври како возвратна мерка протера македонски дипломат од Москва.

Бугарскиот премиер Кирил Петков пред десетина дена рече дека руски шпиони работат против добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, а слична, иако поумерена изјава, дадоа и македонските власти.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина од европските земји беа протерани над 200 руски дипломати, а русија возвраќаше со протерување западни дипломати.