Печалбарите клучни на изборите за градоначалник во Центар Жупа

Архивска фотографија - Локални изобри во Македонија, 2021.

Претставниците на изборните штабови за локалните избори во Општина Центар Жупа велат дека без присуството на печалбарите тешко дека ќе може да се обезбеди цензусот од 33 отсто од вкупниот број на избирачи, кој според Општинската изборна комисија изнесува 7.077.

Во недела на 17 април во Општина Центар Жупа, ќе се одржат повторно локални избори за градоначалник, бидејќи на локалните избори во октомври минатата година не беше обезбеден цензусот.

Во изборните штабови на кандидатите за градоначалник Арјан Ибраим од Турската Демократска партија и Шаин Шакир од Движењето за национално единство на Турците, информираа дека покрај кампањата во општината, тие имаат кампањи и во областа Венето во Италија, каде што е и најголемата концентрација на печалбарите од Центар Жупа, пренесува нашиот дописник од Дебар, Кенан Мимидиновски.

Фехми Скендер од невладиниот сектор за Радио Слободна Европа вели дека во Центар Жупа околу 70 отсто од населението е на печалба.

На октомвриските избори недостигаа околу 550 гласови за да се постигне цензусот. Заради тоа без пристигнување на печалбарите посебно од Италија, тешко може да се обезбеди цензусот. Има најави дека кандидатите имаат обезбедено пристигнување на повеќе печалбари од странство.

Инаку и покрај тоа што во недела требаше да се одржат локални избори за градоначалник и во општина Маврово и Ростуше, поради немање на кандидати тоа нема да се случи. И во оваа општина не беше постигнат цензусот во октомври, а поради пријавување на само еден кандидат, и тоа од СДСМ Медат Куртовски, тој се откажа покрај другото и заради опасноста поради немање на гаранции дека ќе се обезбеди повторно цензус.