Од дронови до плати

ФИНСКА / ШВЕДСКА - Хелсинки се движи кон одлука за аплицирање за членство во НАТО во рок од неколку недели, изјави денеска финскиот премиер Сана Марин. Шведската колешка на Марин, Магдалена Андерсон, исто така, сигнализираше голема промена на политиката за нејзината нордиска нација како резултат на руската инвазија на Украина.

УКРАИНА - Претседателите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија денеска го посетија украинскиот град Бородјанка северозападно од Киев во знак на поддршка за земјата. Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека градот бил проникнат со болка и страдање откако таму биле убиени и мачени цивили, а биле бомбардирани станбени куќи и друга цивилна инфраструктура.

САД - Американскиот државен секретар за финансии Џенет Јелен апелираше до Кина да помогне да се стави крај на руската војна во Украина и предупреди на какви било обиди за поткопување на санкциите против Русија.

МАКЕДОНИЈА - Двајца полицајци од граничниот премин Блаце ќе добијат кривични пријави за делото примање поткуп, а внатрешна контрола во МВР ќе започне и дисциплинска постапка против нив, соопштија од Министерството откако за случајот ТВ Клан објави видео на кое се гледа примањето поткуп.

МАКЕДОНИЈА - Штрајкот продолжува и наредните денови, затоа што немаме конкретно ветување дека платите ќе бидат зголемени, изјави денеска претседателот на СОНК Јоаким Неделков по новата рунда преговори во Министерството за образование. Тој во изјава за медиумите посочи дека на средбата со министерот за образование Јетон Шаќири се разговарало повеќе за продолжување на наставата и како ќе се надополнат часовите како и за тоа кои се последиците од штрајкот.

ФИЛИПИНИ - Најмалку 56 луѓе загинаа, а 28 се водат како исчезнати, додека околу 200 се повредени при свлечишта кои настанаа во бурата во градот Бајбај во централната провинција Лејте, соопштија тамошните власти.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот премиер Димитар Ковачевски по кратко задржување на скопската Инфективна клиника е пуштен во добра здравствена состојба и утре се враќа на работа, информираше денеска на прес конференција владиниот портпарол Душко Арсовски. Ковачевски во неделата вечер бил примен на клиниката со симптоми на труење со храна.

КОСОВО - Владата на Косово денеска усвои нацрт-закон за зголемување на минималната месечна плата на 250 евра нето, односно 264 евра бруто.

ХРВАТСКА - Беспилотното летало од советско време кое се урна во Загреб на 10 март, откако прелета над териториите на Романија и Унгарија, носел импровизирана експлозивна направа.

РУСИЈА / УКРАИНА - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека 1026 украински војници од 36-тата поморска бригада го положиле оружјето и се предале во Мариупол.