Десетмина загинати во судир на камион и туристички автобус во Египет

Илустрација

Десет луѓе, четворица Французи, еден Белгиец и петмина Египќани загинаа, а 14 се повредени во денешната автобуска несреќа во Асуан, на југот на Египет, соопшти гувернерот на областа.

Меѓу повредените, кои се пренесени во болница и се во стабилна состојба, има осум Французи и шестмина Белгијци.

Несреќата се случила рано утрово кога туристички автобус се судрил со камион и се запалил во пустината на патот коj води до храмовите во Абу Симбел.

Сообраќајните несреќи во Египет се чести поради лошото одржување на патиштата и непочитувањето на законските прописи.

Во 2020 година во сообраќајни несреќи загинале 7000 луѓе во земјата со 103 милиони жители.

Денешната несреќа се случува само пет дена по автобуската несреќа на автопат крај Црвеното Море, при што загинаа тројца луѓе, меѓу кои двајца полски туристи.

Храмовите во Абу Симбел, стари над 3000 години, се преместени од првобитната локација за да не бидат поплавени при изградбата на браната Асуан во 60-тите и 70-тите години од минатиот век и претставуваат една од главните туристички дестинации во Египет.