Нокиа се повлекува од Русија

Финскиот телекомуникациски гигант Нокиа соопшти дека се повлекува од Русија. Тоа е последната голема компанија која го напушта рускиот пазар во ек на острите западни санкции против Москва поради нападот врз Украина.

Директорот на Нокиа Пека Лундмарк за Ројтерс изјави дека одлуката за суспендирање на операциите во Русија на неопределено време била единствена опција.

Тој рече дека одлуката за повлекување ќе се одрази на околу 2000 вработени, а на некои од нив ќе им биде понудена работа на други локации каде што работи фирмата.

Стотици странски компании се повлекоа од Русија по нападот врз Украина на 24 февруари, што беше сериозен удар за руската економија.

Светската банка предвидува економскиот пад во Русија годинава да биде 11 отсто, но некои западни институции очекуваат падот да биде до 20 отсто.

Поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин, кој сега е на чело на Ревизорската комора, денеска пред пратениците изјави дека падот на БДП-то може да биде повисок од 10 проценти.

Претставниците на ЕУ во меѓувреме расправаат дали да воведат ембарго за увоз на руска нафта. САД и Велика Британија веќе забранија увоз на руска нафта за да ѝ ги намалат приходите на Русија.