Целосното ембарго на руската нафта може да стави крај на војната во Украина, тврди поранешен советник на Путин

Илустрација

Поранешниот економски советник на рускиот претседател Владимир Путин - Андреј Иларионов вели дека „целосното ембарго“ на западните земји на руската енергија може да стави крај на војната во Украина.

Тој посочи дека Русија „не ги сфаќа сериозно“ заканите на другите земји дека ќе ја намалат употребата на руската енергија.

„Се обложувам дека за месец или два веројатно ќе биде запрена руската воена операција во Украина. Тоа е еден од поефикасните инструменти што ги поседуваат западните земји“, рече тој.

И покрај обидите на Европа да ја намали зависноста од руските енергенси, таа продолжува да купува нафта и гас од Русија, јавува Би-Би-Си.

Според податоците од минатата година, нафтата и гасот сочинуваат 36 отсто од приходите на руската влада. Најголем дел од приходите се од Европската унија, која увезува 40 отсто од гасот и 27 отсто од нафтата од Русија.