Ковачевски: Наставниците да ги стават интересите на децата на прво место и да не се нарушува образовниот процес

Димитар Ковачевски - Претседател на Владата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска со порака на социјалните мрежи ги повика наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.

По прес конференцијата на која Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) информираше дека од утре почнуваат со штрајк, Премиерот Ковачевски порачува дека правото на штрајк е загарантирано, но социјалниот дијалог е единствениот пат до заеднички решенија.

„Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес. Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат. По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот. Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам. Но социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија“, порача Ковачевски.

СОНК: Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да згрижуваат и да воспитуваат деца

Премиерот додава дека Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата, а доколку се прифатат барањата тоа ќе значи пораст на инфлацијата.

„Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни“, порача Премиерот.