НАТО планира постојано воено присуство на своите граници во обид да се спротивстави на акциите на Русија во иднина, изјави генералниот секретар на оваа алијанса, Јенс Столтенберг, пренесува Телеграф.
Алијансата минува низ „фундаментална трансформација“ која ќе има „долгорочни последици“ поради потезите на рускиот претседател Владимир Путин, рече Столтенберг во интервју за овој весник.
„Она што го гледаме сега е нова реалност, нова нормалност за европската безбедност. Затоа побарав од нашите воени команданти да поднесат опции за ресетирање, долгорочно прилагодување на НАТО“, рече Столтенберг.
Тој во интервјуто рече дека одлуката за ресетирање ќе биде донесена на самитот на Алијансата во Мадрид во јуни.
НАТО ќе ја засили поддршката за Украина
Столтенберг на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО предупреди дека војната во Украина може да трае со месеци, па дури и со години.
Говорејќи на прес-конференција по состанокот рече дека сојузниците и обезбедуваат на Украина широк спектар на различни системи за оружје, од советската ера и помодерни.
Тој не сакаше да даде детали за видот на оружјето, ниту за временската рамка.