Ковачевски за спорот со Бугарија: Разменуваме идеи, сѐ уште немаме заемно прифатлив документ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски

Премиерот Ковачевски на прашањето дали постои оптимизам за решение на спорот со Бугарија вели дека во моментов не постои документ кој е прифатлив за двете земји и кој што би можел да се прифати од институциите во двете држави.

Додава дека формирани се групи од економија, култура, образование и други области за соработка, но дека целиот процес за решавање на спорот засега е само на ниво на размена на идеи.

„Министерствата за надворешни работи работат на политичките прашања. Меѓутоа во моментов, како и во изминатиот период процесот е на ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ, којшто би можел да биде споделен за одобрување во двете држави на ниво на институции коишто тоа треба да го направат“, вели Ковачевски во интервју за МИА.

Говорејќи за војната во Украина и дали Русија можеби има некакво влијание на Западниот Балкан и во однос на европската перспектива, Ковачевски вели дека историски гледано Русија секогаш имала геостратешки интерес на Западниот Балкан и од секогаш биле присутни во овој регион, но дека нашата држава е јасна европска определба и јасна желба и активности во насока на интеграција во Европската Унија.

„Ние на таа определба ќе останеме. Меѓутоа и во нашата држава, како и во други држави во регионот постојат поединци, меѓутоа постојат и групи, постојат и политички партии во парламентите, односно во нашиот Парламент постои и надвор од Парламентот, коишто имаат јасна антиевропска и анти-НАТО определба. Меѓутоа, доминатното и расположение и јавно мислење и стратешката определба на Владата е европска интеграција“, рече Премиерот.