Новинарските здруженија против легализација на медиумска корупција

Македонските новинарски организации со отворено писмо до премиерот и политичките партии реагираат на на најавите за укинување на забраната за рекламирање со јавни средства во приватни медиуми преку менување на членот 102 од Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и укажуваат на штетните последици.

Потписниците на писмото Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите сметаат дека доколку измените на законот се усвојат ќе се предизвика штета врз независноста на медиумите, како и дека оваа пракса на враќање на платените владини кампањи , може да го манипулира јавниот интерес преку кампањи кои би се промовирале како јавни а во основа имаат политичко партиски цели за промоција на одредени партиски субјекти и нивните политики во приватните медиуми.

„Еснафските новинарски и медиумски организации укажуваат дека оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување. Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма,“ се вели во соопштението.

Во писмото е наведено дека е крајно неприфатлив предлогот за измени на законот за работни односи со кои новинари и медиумски работници би се иззеле од членот кој предвидува надомест за работа во недела со впишување на шифра за дејност на медиуми за кои оваа одредба не би важела, со образложени дека работниот процес во медиумите условува и работа во недела.

„Ваквиот предлог не само што е небулозен сам по себе, туку е и противуставен поради дискриминација на новинарите и медиумските работници наспроти работниците во другите дејности чиј работен процес, исто како и во медиумите предвидува работа во недела“, се вели во писмото.

Во него се додава дека ваквиот предлог за измена на законот на штета на работниците во медиумите од дополнителни трошоци во просек по 500 денари од човек е уште поапсурден кога доаѓа заедно со барање за повторно одврзување на буџетската каса за медиумите со милионски суми.

Од пред неколку години со закон е забрането владино рекламирање во медиумите. За нетранспарентно владино рекламирање, поткупување на медиуми преку реклами, спрегата власт-медиуми претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции, години наназад.