Куртиши- Дебарските Роми не видоа фајде од Декадата на Ромите

Дебар

Во општина Дебар повеќе од една декада нема активности на ромските политички партии, а припадниците на ромската етничка заедница не се многу заинтересирани за политичко органиирање. Ова за Радио Слободна Европа го изјави основачот на првото граѓанско здружение во Дебар „Месечина“ Илми Куртиши. Тој вели дека главна причина за ваквата состојба се големите социјални проблеми на оваа етничка заедница, но и масовната миграција.

,,До пред десет години имаше присуство на политички партии на Ромите во Дебар, но тие активности не вродија со плод. Невработеноста беше максимална, така што за време на изборите тие повеќе се определуваат за гласање за оние партии кои нудат некое работно место или одредена помош а не поради нивната политичка определба. Со прсти можат да се избројат вработените Роми во Дебар“, истакна за РСЕ Куртиши и додаде дека од Декадата на Ромите, дебарските Роми не видоа многу фајде.

Тој додава дека Ромите во сферата на граѓанскиот сектор се поактивни, а тоа и дава резултати во однос на образованието, затоа што се зголеми бројот на децата Роми кои се школуваат. Но политичката слика е поинаква.

„Од почетокот на плураизмот до денес евидентирани се само двајца роми кои биле членови на Советите на Дебар. Во последните три општински совети нема роми во нивниот состав“, истакнува Куртиши.

Инаку дебарските Роми кои според последниот попис ги има околу 1 500 ги карактеризира фактот што тие говорат македонски и албански јазик и не го познатат ромскиот јазик. Во населбата Вџен се говори македонскиот јазик додека пак во населбата Вакоф тие говорат на албански јазик. Здружението Месечина пред неколку години побара факултативна настава на ромски јазик во локалните училишта, но, како што вели, Куртиши до сега на тој план не е сторено ништо, јавува дописникот на радио Слободна Европа Кенан Мимидиновски.