Тетовските советници суспендираа ДУП кој предвидува згради, а граѓаните бараат парк

Дронска снимка од Тетово на локација каде граѓани бараат создавање парк

Советот на Општина Тетово, денеска донесе одлука за суспензија на детален урбанистички план (ДУП) за урбаниот блок 57А, кој е еден од четирите блока на кои граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ бара создавање прв градски парк.

Овој ДУП беше донесен во време на претходното градско раководство, на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат десетици згради за домување и трговски центри.

За одлуката да се донесе суспензија на овој ДУП гласаа 16 советници, додека 12 беа воздржани, а немаше никој против.

„Согласно одлуката за суспензија беше донесена и одлука за отпочнување на постапка за изменување и дополнување на ДУП за урабниот блок 57А. Сега следи ревидирање на процесот. Со оваа одлука Тетово се спасува од задушување на згради без критериуми, без паркови и зеленило“, изјави градоначалникот Биљал Касами.

Од иницијативата „Тетово сака парк“ алармираа дека Тетово е единствената општина без градски парк, по што направија конкретен план за ваков парк од 16 хектари.

Тој се простира на 4 урбани блокови, од кои два веќе имаат намена „Д“ односно спорт и рекреација, но на двата останати, меѓу кои и 57А, се планирани згради и лесна индустрија.