Ковачевски: Децата мора да останат во училиште, со синдикатот ќе бараме решение

Премиерот Димитар Ковачевски

Децата мора да одат на училиште, а Владата и синдикатот ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати, изјави денеска Премиерот Димитар Ковачевски за најавениот штрајк на вработените во училиштата и градинките.

„Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома“, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата истакна дека се надева во наредниот период да биде изнајдено решение, но нагласи дека децата мора да бидат на настава.

„Знам дека на никого не му беше лесно, но јас се надевам дека во наредниот период ќе изнајдеме решение и дека децата прво ќе останат во училиштата, дека треба да продолжи наставата, а со синдикатот ќе се изнајде решение. Бидејќи и со штрајк и без штрајк на крајот мора да има социјален дијалог којшто ќе заврши со договор помеѓу синдикатот и, во овој случај, Владата“, рече Ковачевски.

До најавите за штрајк дојде откако претставниците на Синдикатот за образование и наука и владата не постигнаа договор за усогласување на платите во образованието по колективен договор со минималната плата на национално ниво.

СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно покачување за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.