Германија прогласи за непожелни „значителен број“ на руски дипломати

Илустрација

Германија денеска донесе одлука да прогласи за непожелни „значителен број“ на службеници во руската амбасада, рече министерката за надворешни работи Аналена Баербок, додавајќи дека Берлин, исто така, ќе ја зајакне својата поддршка за вооружените сили на Украина.

Фотографиите на кои се прикажани телата на некои од загинатите цивили во Буча, кои се со врзани раце, шокираа многумина и поттикнаа повици за засилени санкции против Русија и кривично гонење на сторителите.

„Сликите од Буча сведочат за неверојатна бруталност од страна на руското раководство и оние кои ја следат неговата пропаганда. Затоа Федералната влада одлучи денеска да прогласи за непожелни значителен број членови на руската амбасада кои секојдневно работеа овде во Германија против нашата слобода, против кохезијата на нашето општество“, се наведува во нејзиното соопштение.

Германското Министерство за надворешни работи наведува дека станува збор за 104 акредитирани руски дипломати во Германија.

„Започнуваме дополнителни одговори со нашите партнери. Дополнително ќе ги заостриме постоечките санкции против Русија, решително ќе ја зголемиме поддршката за украинските вооружени сили и исто така ќе го зајакнеме источното крило на НАТО“, додаде таа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила воени злосторства во Буча. Кремљ негираше дека руските трупи кои ја окупираа областа пред да се повлечат кон крајот на минатата недела се одговорни за убиствата.