На крајот на јануари државниот и јавниот долг се намалија неколку проценти поени во однос на нивото од 2020 година и сега државниот изнесува 48,7 проценти, а јавниот 57 проценти, наведува во најновата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими, соопшти Министерството за финансии.
Во однос на крајот на 2020 година, ова е намалување од 4 процентни поени кај јавниот долг и 3,2 процентни поени кај државниот долг.
Во собраниска процедура е Законот за буџети со кои се пропишува лимит за јавниот долг од 60 проценти. Во новиот предлог закон за буџети се дефинира и буџетскиот дефицит да не надмине ниво од 3 проценти од БДП, пишува министерот за финансии.
Министерот во колумната наведува дека намалувањето на буџетскиот дефицит, во насока на стабилизирање на долгот е политика која ќе се спроведува на среден рок, додека на кус рок, фискалната политика ќе се концентрира на заздравување на економијата и поддршка на стандардот на граѓаните.
Согласно ревидираната Стратегија за јавен долг 2022-2024 (со изгледи до 2026 година) за годинава очекувањата за јавниот и државниот долг се дека ќе бидат 63,5 проценти и 53,4 отсто, но мора да се има предвид и пониската стартна основа, како и новонастанатите случувања со Украина, наведува Бесими.
Буџетскиот дефицит за 2022 е проектиран на 4,3 проценти.
Бесими посочува дека мора да се има предвид и новонастанатата ситуација со растот на цените на енергенсите.