Повици за поостри санкции по обвиненијата за руски злосторства во Украина

Тела на улиците во Буча

Русија се соочува со зголемена меѓународна осуда по наводите за можни воени злосторства извршени од руските сили во киевското предградие Буча и во други делови на Украина.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изјави дека Русија ќе се соочи со „понатамошни санкции од ЕУ“.

Мишел, во објава на Твитер, денеска напиша дека е „шокиран од прогонувачките слики на злосторствата извршени од руската армија во ослободениот регион во Киев“.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус соопшти дека нејзината влада видела „се повеќе докази за ужасните дејствија на инвазионите сили во градовите како Ирпин и Буча“.

Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, на 2 април изјави дека околу 300 локални цивили биле застрелани за време кога градот бил окупиран од руските сили. Околу 280 тела наводно биле фрлени во масовна гробница, додека останатите биле оставени на улица.

Фотографии и снимки од трупови на улиците беа објавени на социјалните мрежи. Некои од убиените биле со врзани раце зад грб и со бели ленти на рацете за да ги означат како цивили.

„Ова се последиците од руската окупација“, вели градоначалникот Федорук, пренесуваат светските агенции.

Русија засега не ги коментира извештаите.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко за германскиот магазин Билд рече дека „она што се случи во Буча и во другите предградија на Киев може да се опише само како геноцид“. Тој рече дека одговорноста за тоа е кај рускиот претседател Владимир Путин.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека „масакрот во Буча бил намерен“ и побара нови разорни санкции против Русија од Г7.

Обвиненијата за наводни злосторства се појавија откако руските сили се повлекоа од позициите околу Киев, Чернигив и Харков.

Денеска и меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) со седиште во Њујорк соопшти дека „документирала неколку случаи во кои руски воени сили извршиле прекршување на законите на војната против цивили во окупираните области на регионите Чернигив, Харков и Киев во Украина“.

Невладината организација соопшти дека на 4 март, руските сили во Буча застрелале најмалку еден човек во тилот.

Трус вчера рече дека е „згрозена од злосторствата во Буча и другите градови во Украина“ и вети дека сторителите ќе бидат кривично гонети.

Во својата објава на Твитер, Мишел рече дека Европската унија и помага на Украина „во собирање на потребните докази за за може Русија да биде изведена пред меѓународните судови“.

Меѓународниот кривичен суд претходно отвори истрага за наводните за воени злосторства извршени од руските сили во Украина.

Хјуман рајт воч забележал неколку наводи за силување, два случаи на егзекуции во кои имало седум жртви, како и други случаи на закани и насилство врз цивили.