Еден загинат, 37 ранети во експлозија на гас во дискотека во Баку

Илустрација: Полиција во Баку

Едно лице загина, а 37 се повредени во експлозија која се случила ноќеска во дискотека во главниот град на Азербејџан, Баку, соопшти обвинителството.

Како што пренесува руската новинска агенција РИА Новости, обвинителството наведе дека загинала 43-годишна работничка во диското, и дека четворица повредени се во тешка состојба.

Според лекарски извори, меѓу повредените има и еден италијански и еден сенегалски државјанин.

Експлозијата се случила ноќеска околу 3 часот поради истекување од боца за течен гас, наведува азербејџанската гасна компанија Азеригас.

Пожарот предизвикан од експлозијата е изгаснат.