Дендиас на пат кон Одеса

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас е на пат кон Одеса, каде што ќе пренесе хуманитарна помош и ќе се сретне со претставници на грчката дијаспора, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР соопштија дека целта на посетата, освен трансфер на помош, е „создавање на постојан механизам за дистрибуција на хуманитарна помош, средба со припадниците на грчката заедница, повторно отворање на Генералниот конзулат во градот и посета на места нераскинливо поврзани со грчката историја“.

Дендиас на Твитер објави дека пристигнал на аеродромот во Кишињев, а оттаму ќе ја помине границата меѓу Молдавија и Украина кон крајната дестинација Одеса.

Во меѓувреме, беше соопштено дека Одеса рано утринава била мета на руски воздушни напади.

Шефот на грчката дипломатија пред десетина дена изрази намера лично тој да ја предводи хуманитарната помош за украинскиот град Мариупол, кој е разурнат од руското гранатирање, додека пак портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на редовниот брифинг со новинарите во средата објасни дека предлогот на Дендиас е сѐ уште на маса, меѓутоа ќе се реализира кога ќе постојат соодветни услови.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари.