УНЕСКО - Најмалку 53 културни локалитети уништени во Украина

Оштетена црква од гранатирање на Мариупол

Најмалку 53 места од големо културно значење во Украина се уништени од почетокот на руската инвазија, соопшти Агенцијата за култура на Обединетите нации, УНЕСКО.

Меѓу локалитетите со културно знаење имало 29 цркви, 16 историски згради, четири музеи и четири споменици, изјави заменик генералниот директор за култура на УНЕСКО, Ернесто Отоне Рамирез во Париз на 1 април.

„Ова е најновиот список, но не е целосен, бидејќи нашите експерти продолжуваат да проверуваат голем број извештаи“, изјави тој, пренесува агенцијата Франс прес.

Од УНЕСКО велат дека користат сателитски снимки и извештаи од очевидци за да ја потврдат штетата.

Според УНЕСКО, оштетени се десетина локалитети во источниот регион Харков, кој е под интензивни руски напади. Потоа пет културни локалитети во главниот град Киев, уште пет се во регионот Чернигив.

Шефот на УНЕСКО Одри Азуле на почетокот на март му пиша на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за да го потсети дека Русија е потписничка на Конвенцијата за заштита на културното наследство во време на војна, соопшти агенцијата.

Откако првично рече дека Москва не одговорила, УНЕСКО подоцна соопшти дека добила одговор, во кој Русија наведува дека е свесна за своите обврски и дека е „посветена“ на нив.

Русија започна инвазија врз Украина на 24 февруари.