Почина професор Ѓорѓи Марјановиќ

Ѓорѓи Марјановиќ, професор

На 82-годишна возраст денеска во Скопје почина професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Ѓорѓи Марјановиќ.

„Со неговата смрт загубивме драг и почитуван колега, доајен на казненото право и автор на бројни научни и стручни трудови, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог, посветен наставник и истражувач и особено ценет пријател“, се наведува во соопштението од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Марјановиќ е роден во 1939 година, дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962, магистрирал во Загреб во 1968, а докторирал во Скопје во 1973 година.

Марјановиќ го помина работниот век како професор по кривично право на Правниот факултет во Скопје, а беше и основач и прв претседател на Лигата за демократија, првата опозициска политичка партија во Македонија по воведувањето на плурализмот.

Тој беше познат по неговото залагање за укинување на „деликтот на мислење“ од Кривичниот закон на Југославија во времето на комунизмот.

За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, како и за положбата на политичките затвореници.

Марјановиќ исто така преведуваше книжевни дела од германски и од француски јазик.