Путин потпиша декрет за систем на плаќање на рускиот гас во рубљи

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се принудуваат дел од купувачите на руски гас да отворат посебна сметка за плаќање на нивните испораки, додека земјата се обидува да се справи со влијанието на западните санкции воведени поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина минатиот месец.

Путин по потпишувањето на декретот рече дека од 1 април, купувачите на руски гас од земјите што Русија ги смета за „непријателски“ ќе мора да формираат специјални „К-сметки“ за да им ги префрлат плаќањата. Откако ќе се прими уплатата, средствата ќе се разменуваат во рубљи. Целиот платежен капацитет ќе биде поставен и ќе работи преку руската Гаспромбанк, подружница на државниот енергетски гигант Гаспром.

Путин, исто така, рече дека секоја земја што ќе одбие да го користи механизмот за плаќање ќе ги прекрши нивните договори и ќе се соочи со „соодветни реперкусии“.

Европските лидери одбија да плаќаат за испораки во рубљи, велејќи дека таквиот потег ќе ги поткопа санкциите наметнати на Москва поради војната во Украина. Не е јасно дали Русија може да бара од купувачи кои веќе имаат договори да го користат механизмот.

Меѓу санкциите што Западот ги воведе кон Русија се и големи ограничувања во финансискиот сектор, вклучително и замрзнување на девизните резерви на Русија. Овој потег предизвика пад на рубљата и ја ограничи можноста на Русија да учествува во меѓународни финансиски трансакции.

Соединетите Американски Држави веќе го забранија увозот на руска нафта и гас, додека Европската унија, која продолжи да добива природен гас од Русија по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, соопштија дека бараат начини за намалување на зависноста од руски гас.