Нова рунда санкции од САД кон руските технолошки компании

Илустративна фототографија/ Вработен во руската фабрика Микрон

САД денеска воведоа санкции за неколку руски технолошки компании, вклучително и најголемиот производител на чипови и луѓето поврзани со нив. Санкциите се воведуваат како одговор на руската инвазија на Украина.

Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека се воведени санкции за 13 лица и 21 субјект, вклучително и акционерското друштво Микрон, најголемиот руски производител и извозник на микроелектроника и најголемиот руски производител на чипови.

Одделот, исто така, ги прошири овластувањата за санкциите за да ги вклучи воздушниот, поморскиот и електронскиот сектор од руската економија, дозволувајќи му на Вашингтон да воведе санкции за секое лице или субјект решено да работи во тие сектори.

Овој потег, исто така, цели врз „злонамерни сајбер актери“, соопштија од Министерството за финансии.

„Ќе продолжиме да ја гаѓаме воената машина на Путин со санкции од секој агол, сè додека оваа бесмислена војна на избор не заврши“, изјави секретарот за финансии Џенет Јелен.

Мерките се најнови во серијата санкции наметнати на Русија и нејзините сојузници откако руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари.

Со санкциите се замрзнуваат сите средства на САД што ги поседуваат поединците и субјектите кон кои се насочени и генерално им забрануваат на Американците да работат со нив. Оние кои ќе се впуштат во одредени трансакции со нив, исто така, ризикуваат да бидат погодени со санкции, најавија од Министерството за финансии.