Столтенберг - Русија не се повлекува, само се репозиционира

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Русија не ги повлекува своите војници во Украина, како што вети, туку само ги репозиционира, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Говорејќи на прес-конференција на 31 март, Столтенберг рече дека очекува движењето на војниците да резултира со „дополнителни офанзивни дејства“.

„Според нашите разузнавачки податоци, руските единици не се повлекуваат, туку се репозиционираат. Русија се обидува да се прегрупира, да се надополни и да ја зајакне својата офанзива во регионот на Донбас во источна Украина“, рече Столтенберг, мислејќи на регионите поддржани од Москва, контролирани од сепаратистите.

Тој вели дека истовремено, Русија го одржува притисокот врз Киев и другите градови.

„Значи, можеме да очекуваме дополнителни офанзивни дејства, кои ќе донесат уште повеќе страдања“, додаде Столтенберг.

Русија на 29 март, по средбата со украинските преговарачи во Истанбул, рече дека ќе ги намали операциите во близина на главниот град Киев и северниот град Чернигив „за да ја зголеми меѓусебната доверба“ за мировните преговори.
Сепак, официјалните претставници од двата града велат дека воздушните напади продолжиле и покрај ветувањето.

Москва, исто така, соопшти дека ќе се фокусира на воените операции во источните региони Луганск и Доњецк, попознати како Донбас, чии делови се најдоа под контрола на сепаратистите поддржани од Русија откако Русија незаконски го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година.