До Мариупол упатени 45 автобуси во обид за евакуација на цивили

Уништени згради во Мариупол.

Конвој од 45 автобуси се упатува кон опколениот пристанишен град Маиупол во обид да ги евакуира заробените цивили од неколкунеделните борби меѓу руските и украинските сили, рече украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

„Добивме порака од Меѓународниот комитет на Црвениот крст дека Руската Федерација ја потврдува својата подготвеност да го отвори пристапот за хуманитарниот конвој до градот Мариупол со транзит низ градот Бердјанск“, рече Верешчук во видео објавено на социјалната мрежа Телеграм.

Руските воени претставници велат дека се подготвени да се придржуваат до прекинот на огнот од осум часот според централно европско време на 31 март за да се овозможи отворање на хуманитарен коридор, но неколку слични договори што беа постигнати во минатото, пропаднаа пред нивното спроведување.

Во Мариупол пред инвазијата живееја околу 430 илјади луѓе. Во градот се водат интензивни борби со недели, откако Русија на 24 февруари почна инвазија против Украина. Во руски напади беа погодени породилиште, противпожарни служби, културни места, домови на цивили.

Се претпоставува дека десетици илјади цивили се заробени во градот без струја и екстремно ограничени резерви на храна и вода.

На 30 март, магацинот за помош на Меѓународниот комитет на Црвениот крст беше погоден од, како што велат украинските власти, руски воздушен напад, иако покривот на зградата е јасно означен со симболот на Црвениот крст.