Николовски најави мерки за зголемување на прозводство на пченка и сончоглед

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски

На денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со претставници на земјоделски здруженија и преработувачи биле предложени мерки за развојот на производство и начинот на договарање меѓу двете страни за производството на пченка и сончоглед, соопшти МЗШВ.

На состанокот, како што се наведува, Николовски посочил дека министерството веќе работи на мерки коишто ќе придонесат за зголемување на површините и приносите на овие две стратешки култури, пченката како важна суровина за производство на добиточна храна и сончогледот како суровина за маслото за јадење.

Пченица произведуваме недоволно, а сончоглед колку за грицкање

Мерките, според соопштението, ќе бидат насочени кон тоа што им е најважно во моментот на земјоделците, односно во делот на финансиска поддршка за набавка на вештачки ѓубрива.

„Придобивките од развојот на овој модел се заемни, земјоделците добиваат сигурен пласман, откупувачите и преработувачите сигурна домашна суровина. Поддршката за договорно производство, за земјоделците значи мотив повеќе да ги насеат овие значајни култури“, се наведува во соопштението.

Целта како што велат од МЗШВ е да се стават сите и земјоделци и преработувачи во еден систем кој ќе гарантира сигурност на производството, што ќе приодонесе за зголемување на домашното производство на оваа значајни земјоделски култури.

Европската комисија веќе предупреди дека руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ против Москва ќе бидат болни за земјоделците, потрошувачите, производителите на ѓубрива и извозниците на земјоделски производи, бидејќи Русија и Украина сочинуваат повеќе од 30 отсто од светската трговија со пченица, 32 отсто со јачмен и 17 отсто со пченка и повеќе од 50 проценти од трговијата со сончогледово масло.