Портпаролката на бугарската Влада, Лена Бориславова денеска ја потврди посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софија. Според неа, меѓу темите на разговорите на Верхеји со неговиот домаќин, премиерот Кирил Петков, ќе биде и дијалогот на Бугарија со Северна Македонија.
„Она што сакам да го нагласам е дека не се работи за забрзување на некаква процедура, туку за преговарачка процедура што ги зема предвид реалните резултати. Ставот нема да се промени од она што го кажавме досега. Имено – двете земји работат заедно, има подобрен дијалог, да, тоа е факт, вистинска желба да се постигнат резултати на двете страни, за да се расчистат насобраните тензии и конфликтни точки“, изјави Бориславова.
На веб страна на Европската комисија е наведено дека Вархеји денеска и утре е во официјална посета на Софија.
Бугарија од 2020 година ги блокира преговорите на Северна Македонија со ЕУ инсистирајќи на решавање на билатерални прашања најмногу поврзани со историјата. Новите премиери на двете земји Кирил Петков и Димитар Ковачевски најавија нов пристап за решавање на проблемот.