Протест на вработените во образованието

Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура

За денеска пред македонското Собрание е најавен предупредувачки протест кој го организира Конфедерацијата на слободни синдикати - КСС, а кој го поддржа и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура - СОНК. Ако не им се исполнат барањата од 11 април ќе има генерален штрајк, а во деновите кога ќе се штрајкува, вработените во училиштата и во градинките ќе бидат на своите работни места, но нема да згрижуваат деца и нема да има воспитно-образовен процес. Јаким Неделков претседателот на овој синдикат изјави дека во случај на штрајк вработените ќе бидат на работните места, односно ќе бидат во заедничка просторија во која ќе седат до крајот на работното време.

Владата и СОНК продолжуваат со дијалогот за договор за платите

Овие синдикати бараат усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво, како и почитување на Законот за минимална плата и колективните договори. КСС е поддржан и од повеќе други синдикати, односно од околу 30.000 работници. Преговорите за поголеми плати во образованието пропаднаа во минатата недела. СОНК бара минималната плата во државата да биде основица за пресметка на плата по коефициент на сложеност. Според таа пресметка, нето-плата на наставник би требало да биде 43.000 или 44.000 денари. Вчера делегација на Владата, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, имаше средба со СОНК, на која е договорено продолжување на континуираниот дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија, соопшти владината Прес-служба.