Владата и СОНК продолжуваат со дијалогот за договор за платите

Средба на премирот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерот за финансии Фатмир Бесими со делегација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), предводена од претседателот Јаким Неделков

Владата и СОНК на средбата што се одржа попладнево договорија континуиран дијалог до постигнување заеднички договор за усогласување на платите во образованието и детската заштита.

Од владината прес -служба информираа дека на состанокот присуствувале премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економските ресори Фатмир Битиќи, министерот за образование Јетон Шакири и министерот за финансии Фатмир Бесими. Делегацијата на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), ја предводел претседателот Јаким Неделков.

Неделков претходно на својот Фејсбук профил објави дека е на разговори во Владата на покана на премиерот Ковачевски.

Од Владата соопштуваат дека на средбата се разговарало за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори.


Пред средбата членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.