Американскиот претседател Џо Бајден денеска пред новинарите рече дека „нема да се извини“ затоа што рекол дека рускиот претседател Владимир Путин „не може да остане на власт“.
Зборовите кои дојдоа на крајот од говорот во Варшава на 26 март при затворање на неговата посета на Европа минатата недела, предизвикаа возбуда откако беа толкувани дека значат оти Бајден повикува на промена на режимот во Русија.
Белата куќа и државниот секретар Антони Блинкен во текот на викентот ги разјаснија коментарите, а Бајден денеска рече дека коментарот бил израз на „морален гнев“, а не на нова политика.
Тој додаде дека реагирал на однесување „кое го тера целиот свет да каже: Боже мој, што прави овој човек?“
Коментарот не „артикулираше промена на политиката“, рече Бајден, туку го изрази „мојот бес што таков човек е на власт“.
„Никој не верува дека зборував за соборување на Путин“, нагласи Бајден.
„Последното нешто што сакам да го направам е да се вклучам во копнена војна со Русија“, рече претседателот на САД.
Тој негираше дека неговите зборови за Путин и останувањето на власт може Русија да ги искористи како пропаганда и повтори дека НАТО никогаш не бил посилен откако Русија ја започнала својата инвазија.