Украина ќе испитува извештаи за воени злосторства против руски војници

Украински војник поминува покрај уништен руски артилериски систем „Град“, во Харков. 24 март 2022 година

Украина соопшти дека ќе ги испита непроверените извештаи во кои се вели дека нејзините војници мачеле руските војници заробени во борбите како резултат на инвазијата на Москва.

„Ние ги сфаќаме ваквите случаи крајно сериозно. Ќе има истрага. Ние не ги мачиме заробениците“, изјави Олексиј Арестович - советник на претседателот Володимир Зеленски во денешна објава на Телеграм.

Објавата на Арестович дојде откако на социјалните мрежи се прошири видео на кое се гледа како украинските војници физички мачат руски војници, откако биле заробени во Украина.

На видеото, се чини дека најмалку тројца руски војници биле застрелани во нозете откако биле приведени, додека некои имаат бели кеси на главите.

Арестович додаде дека „на секој член на одбранбените сили ќе му се каже дека таквото однесување се смета за апсолутно неприфатливо, дека тоа е воено злосторство“.

Инцидентот, кој Арестович директно не го потврди, наводно се случил на 25 март село во источната периферија на Харков.

Содржината на видеото не е независно потврдена, а имаше и предупредувања дека тоа би можело да биде обид на Русија да ги дискредитира украинските војници.

Откако Русија ја започна својата инвазија врз Украина на 24 февруари, двете страни меѓусебно се обвинуваат за воени злосторства.