Киев- Русија го окупира градот во близина на Чернобил

Руските сили ја презедоа контролата врз градот во кој живее персоналот кој работи на нуклеарната локација во Чернобил и накратко го приведоа градоначалникот, што предизвика протести, соопштија денеска украинските власти. Претходно Киев објави дека руските војници влегле во Славутич и ја окупирале општинската болница.

Околу 25.000 луѓе живеат во градот 160 километри северно од главниот град, изграден по несреќата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година. Жителите излегоа на улиците, носејќи големо сино-жолто украинско знаме и се упатија кон болницата, соопштија локалните власти додавајќи дека руските сили пукале во воздух и фрлале шок-бомби во толпата.

„Според последните информации, фатен е градоначалникот на градот Јуриј Фомичев“, соопштија од локалните власти.

Фабриката во Чернобил беше преземена од руската армија на 24 февруари истиот ден кога Москва ја започна својата инвазија на Украина.

Белорусија го снабдува Чернобил со струја

Меѓународната агенција за атомска енергија изрази „загриженост“ во четвртокот откако Украина ја информираше организацијата за руското бомбардирање на Славутич.

Заземањето на градот доаѓа по првата ротација на персоналот во централата во Чернобил минатиот викенд откако Русија ја презеде контролата.

Околу 100 украински техничари продолжија да ги извршуваат секојдневните операции на радиоактивното место речиси четири недели без да бидат ротирани.