Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека на вонредниот лидерски самит на НАТО во Брисел на кој присуствуваше биле реафирмирани повиците за санкции врз Русија и еден од начините на деескалација е економски да се изолира земјата и нејзините политичари, бидејќи секое друго мешање на НАТО во Украина би претставувало поголем воен конфликт и затоа, како што наведува, мора да се балансираат одлуките коишто се носат. Тој додава дека се усогласиле да се упати апел до Кина да заземе конструктивна улога односно да влијае на воспоставување на мир во светот и на деескалација на судирите во Украина, а не да помага на Руската Федерација.
Ковачевски посочува дека барањето за затворање на небото на НАТО на било експлицитно поставено од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Затворање на небото над Украина би значело воен конфликт помеѓу НАТО и Русија и тоа би прераснало во војна од невидени размери. Од таа причина одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се дел од ЕУ и земји на пат кон влез во ЕУ, одлуката е со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија“, вели Ковачевски во интервјуто за МИА.
Во однос на заштитата од евентуален биолошки напад, според него, исто така се разговарало веќе на редовниот самит во Мадрид ќе се операционализираат детали за тоа на кој начин да и се помогне на Украина во справување со евентуални такви напади.
„Доколку се случи нуклеарен напад ние ќе имаме нуклеарна војна од размери какви што не се видени до сега во светот. Јас искрено се надевам дека такво нешто нема да се случи бидејќи евентуален нуклеарен напад не би значело само напад на една точка, туку би значело и ширење на контаминација на пошироки простори со стотици километри. Јас искрено се надевам дека тоа нема да дојде и дека ќе се вразуми рускиот претседател да овој бесмислен напад врз Украина конечно се прекине“, посочува премиерот.
Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари. Ковачевски ги информирал земјите членки дека до 2024 земјата ќе го постигне издвојувањето од два отсто за воениот буџет.
Во однос на почетокот на преговори со ЕУ, Ковачевски вели дека не се врзувал со датуми, туку со реални проекти и со реални разговори коишто треба да се водат прво со ЕУ и со Бугарија.
„Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните“, вели Ковачевски.
Според него, постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи, па и политички партии.
Источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари.