Претседателот и премиерот Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски ѝ ја честитаа победата на фудбалската репрезентација над Италија и пласманот во финалето на Светското првенство. „Сензација! Вие сте вистински херои, вечерва покажавте што значи борбеност, желба, упорност! Неверојатна победа која е резултат на многу труд, но пред се љубов кон националниот дрес. Честитки за селекторот Милевски и целата екипа, вечерва никогаш нема да ја заборавиме“, напиша Ковачевски на својот Фејсбук профил, кој го следеше натпреварот во Брисел, каде присуствуваше на состанок на НАТО.
Македонија го победи европскиот шампион, на чекор до СП 2022
Фудбалерите на Северна Македонија вечерва се пласираа во финалето на баражот за Светското првенство, бидејќи во Палермо ја победија селекцијата на Италија со голот на Александар Трајковски во втората минута од продолжението. Пендаровски им честиташе на македонските фудбалери за победата, пожртвуваноста, храброста и борбеноста во натпреварот против силниот противник. „Нашите фудбалски херои веќе ја испишаа историјата на македонскиот фудбал, на чекор до Катар, благодарни сме за радоста што ни ја давате“, напиша Пендаровски. И американската амбасада во Скопје преку социјалните мрежи им честиташе на фудбалерите на Северна Македонија, а дел од навивачите по натпреварот почнаа да се собираат во центарот на градот за да ја прослават победата. Северна Македонија ќе го игра финалето во баражот на гостувањето против Португалија, на 29 март.