Вучиќ: Ќе испорачаме пченица, брашно и пченка на Северна Македонија и Албанија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ

Србија ќе испорача пченица, пченка и брашно на Северна Македонија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој за ТВ Пинк рече дека Владата на Србија денеска донела одлука за испорака на 27.000 тони пченица и брашно во Албанија, како и значителни количини пченка, а во рамките на Отворен Балкан, според договореното, ќе и биде испорачано и на Македонија.

„Барања добивме и од Северна Македонија. Ќе испорачаме се во согласност со договорот. А потоа ќе доставиме до БиХ и Црна Гора. Добивме барања од БиХ за количини поголеми за 6.000 тони отколку за целата измината година. Но, мислам дека тоа нема да биде посебен проблем за нас“, изјави Вучиќ.

Тој истакна дека Србија има доволно пченица, пченка, сончогледови семки, и масло и посочи дека сега сите од Србија бараат поголеми количества пченица и пченка.

„Сите бараат поголеми количества пченица и пченка, иако имаат помалку жители, поради одливот на граѓани. Тие бараат и сончогледови семки и сончогледово масло. Денеска ги имавме првите разговори, а сега ќе имаме средба во Јастребац бидејќи откривме три договори кои се антидатирани (пред забраната за извоз), со накнадно зголемена количина на шеќер и брашно, а во тоа учествуваа наши и странски компани“, рече Вучиќ.