Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на Вонредниот самит на НАТО на шефови на држави и влади, истакна дека руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право, соопштуваат од Кабинетот на Владата.
„Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воената акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата. Во таа насока Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани“, се наведува во соопштението од Владата.
Премиерот истакнал дека Северна Македонија обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.
„Премиерот Ковачевски посочи дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан и да создаде дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот“, пишува понатаму во соопштението.
Ковачевски укажал дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста. Додаде дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања.