Иран тврди дека се блиску до заживување на нуклеарниот договор

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан.

Поблиску од кога и да било, е договорот за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан.

„Ако САД постапат прагматично, ние сме подготвени да ги собереме министрите за надворешни работи на земјите кои се дел од договорот во Виена за да го финализираат договорот“, рече Амир-Абдолахиан на прес-конференција за време на денешната посетата на Дамаск.

Иранскиот министер рече дека дале најнови предлози до САД преку координаторот на Европската унија за постигнување конечен договор.

„Ги потсетивме Американците дека нема да ги преминеме нашите црвени линии“, рече Амир-Аабдолахиан.

Ако се постигне договор, тоа би означило кулминација на речиси едногодишните тешки преговори меѓу Техеран и западните сили.
Франција, Велика Британија и Германија предупредија на ризик разговорите за речиси завршениот обновен нуклеарен договор да пропаднат поради барањата на Русија да се гарантира нејзината трговија со Иран во услови на огромни санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина.

Главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје Али Багери Кани, пак, попретпазливо по изјавата на Амир-Абдолахиан, на Твитер напиша дека „да се биде блиску до финишот не е гаранција дека ќе се помине“.

„Потребна е дополнителна претпазливост, многу упорност, дополнителна креативност и избалансиран пристап за да се направи последниот чекор. За да се заврши работата, има одредени одлуки што треба да ги донесат нашите западни соговорници“, напиша тој.

Коментарите доаѓаат еден ден откако Соединетите Држави рекоа дека на Иран останува да ги донесе тешките одлуки неопходни за заживување на историскиот нуклеарен договор и за олеснување на санкциите.

Иран во 2015-та го потпиша историскиот договор со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, но во 2018 тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот.