Белорусија протера повеќе украински дипломати од Минск

Портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи Анатол Хлаз го објавува затворањето на амбасадата во Брест и протерувањето на дипломатите, 23 март 2022

Белоруската влада го затвори генералниот конзулат на Украина во западниот град Брест и нареди неодредена бројка украински дипломати да ја напуштат украинската амбасада во Минск, додека Белорусија продолжува да им помага на руските вооружени сили во нивните напади против Украина.

Портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи Анатол Хлаз денеска изјави дека на амбасадорот на Украина и на четворица вработени во амбасадата во Минск ќе им биде дозволено да останат во земјата, додека остатокот од персоналот ќе биде принуден да ја напушти.

Хлаз додаде дека потегот е направен поради „многубројните непријателски акции на Украина“ спроведени долги години „за неодговорно уништување на меѓудржавните односи“ со Белорусија.

Вчера белоруската служба за безбедност (КГБ) објави дека најмалку 10 вработени во украинската амбасада, што е речиси половина од персоналот на дипломатската мисија, всушност биле „членови на главниот разузнавачки директорат на украинското Министерство за одбрана“ и наводно „вклучени во регрутирање агенти и собирање доверливи податоци“.

На 19 март, Белорусија го отповика целиот персонал од својата амбасада во Киев, што поттикна шпекулации дека Белорусија се подготвува да испрати свои војници во Украина за да им помогне на руските вооружени сили.

Белорусија му помогна на рускиот претседател Владимир Путин дозволувајќи територијата на Белорусија да ја користат руските трупи за напади врз Украина.

Руската воена инвазија во Украина започна пред скоро еден месец, на 24 февруари.