Украина соопшти дека се договорила со Русија за девет хуманитарни коридори за да се овозможи евакуација на цивилите заробени во неколку градови.
Вицепремиерката Ирина Верешчук денеска изјави дека меѓу нив е и коридор од Мариупол до Запорожје, иако тој оди само од периферијата на опколениот град, а не и од неговиот центар, каде што десетици илјади луѓе се заробени без струја и основни животни потреби.
Таа додаде дека се договорени повеќе рути за излез од Киев.
Додека руската инвазија наводно е во застој во поголемиот дел од земјата поради големите загуби на војници и воена опрема, руските сили продолжуваат да ги бомбардираат украинските градови, вклучително и цивилни цели, и покрај жестоката меѓународна осуда и повиците за итен прекин на огнот.
Мариупол, кој пред војната имаше околу 400 илјади жители, е претворен во урнатини, со илјадници загинати цивили, додека илјадници се обидуваат безбедно да го напуштат градот.
Во изминатите две недели, Русија се обиде да го опколи Мариупол, важно пристаниште на Азовското Море, и најжестоко боиште во војната досега.