Франција - Нема доволно основа да се каже дека Скопје ќе почне преговори со ЕУ

Илустрација

Францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон, рече дека има политичка волја во Софија и Скопје, но дека сѐ уште не може да вети дека преговорите со Северна Македонија ќе започнат за време на француското претседателство.

Ова Клеман Бон го изјави денеска на прес – конференцијата после Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.

Запрашан да ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дека двете страни напредуваат во билатералните преговори, Бон потврди дека има позитивни сигнали, но нема доволно основа за да каже дека ќе отпочне процесот.

„Бев во Бугарија после новата влада, разменив неодамна со бугарските власти и премиерот Петков, има сериозен ангажман и во Скопје и во Софија за да се најде решение за спорот, но не можам да прејудицирам, можам само да ги потврдам позитивните сигнали. Ако има резултат од тие сигнали, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме“, изјави Бон.

Францускиот државен секретар потсети дека Бугарија е единствената која се противи на оваа одлука.

Почнувањето на прегорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, е блокирано од октомври 2019 кога Скопје и Тирана не добија датум за почеток, по одлуката која ја донесе Унијата по барање на некои земји членки, како Франција, за да се преиспита тогашниот процес на проширувањето и да биде воведена нова методологија.

Оттогаш, и по усвојувањето на новата методологија, стартот на преговорите го блокира Бугарија, иако двете Скопје и Софија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство.