Благ раст на новозаболени од ковид-19

Скринин тестирање, илустративна фотографија

Благ раст на бројот на новозаболени покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за периодот од 14 до 20 март. Според податоците направени се вкупно 15.577 тестови во тој период во кои се забележува зголемување за 2,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се 1.834 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, со зголемување од 0,9 отсто во однос на минатата недела кога вкупниот број на новозаразени изнесуваше 1.818.

Процентот на позитивност се движи од 6,6 отсто до 14,2 отсто, просечно 11,4 отсто, се наведува во неделниот извештај објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје вкупно 58,7 отсто, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 198 на 100.000 жители и во Скопје 169 на 100.000 жители.

Во новозаболените со ковид-19 најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до девет години.

Пријавени се 15 смртни случаи во 9 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела (14 до 20 март), за 55,9 отсто помалку во однос на претходната недела кова вкупниот број изнесува 34. Во однос на возраста, регистрирани се 13 починати од возрасната група над 60 години и по еден починат од возрасната група од 40 до 49 години и 50 до 59 години, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје.