Измените на Изборниот законик во собраниска процедура

Измените на Изборниот законик предвидуваат воведување една изборна единица

Измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои се предвидуваат воведување една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии денеска ќе се најдат на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање, но засега нема консензус за нивното усвојување. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори. Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што, територијата на државата е поделена на шест изборни единици (во секоја од нив се избираат по 20 пратеници), а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.

Ќе се согласат ли партиите за промена на изборниот модел?

Со измените на Изборниот законик, како што се наведува во образложението на текстот на законот, целата државна територија би се обликувала во една изборна единица со отсуство на изборен праг, овозможувајќи им и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, да го остварат своето право на претставување. Во актуелната поставеност на системот, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив, тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник.