САД официјално ја обвинија Бурма за геноцид на Рохинџите

Бегалци Рохинџи во Бангладеш. Архивска фотографија.

Соединетите Држави официјално објавија дека војската на Бурма извршила геноцид врз населението Рохинџи, велејќи дека има јасни докази за напорите да се „уништи“ муслиманското малцинство во земјата.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ја објави одлуката, која беше очекувана со оглед на претходните коментари на Вашингтон за ова прашање. Блинкен рече дека нападите на армијата на Бурма против Рохинџите биле „широко распространети и систематски“.

Блинкен, во своето обраќање во Меморијалниот музеј на холокаустот на САД во Вашингтон, исто така рече дека Бурма, која е позната и како Мјанмар, извршила злосторства против човештвото.

„Намерата на војската отиде подалеку од етничкото чистење до вистинското уништување на Рохинџите. Нападот против Рохинџите беше широко распространет и систематски, што е клучно за да се постигне утврдување на злосторствата против човештвото“, рече тој.

Војската на Бурма негираше дека нападнала цивили и рече дека нејзините напори биле насочени кон бунтовниците Рохинџи, опишани од властите во земјата како „терористи“.

Војската во 2017 година ја започна кампањата што доведе до тоа најмалку 730.000 Рохинџи да ги напуштат своите домови во соседен Бангладеш. Војската на Бурма ја презеде власта во земјата во 2021 година.

„Од државниот удар, видовме дека бурманската војска користи многу исти тактики. Дури сега војската цели на секој во Бурма, за кој смета дека се спротивставува или го поткопува нејзиното репресивно владеење“, рече Блинкен.