Османи: Руската агресија покажува колку е важно проширувањето на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент на чија агенда беше европското досие на Северна Македонија. На денешниот состанок, како што посочуваат од МНР, министерот елаборирал за актуелностите во Република Северна Македонија, за регионалните предизвици, дијалогот со Република Бугарија и напорите да се постигне заемно прифатливо решение, но секако и за случувањата во Украина и поширокиот контекст на односи што тие случувања ги предизвикаа.

„Како што покажа историјата на европската интеграција, за Европската унија дополнително да ја зајакне својата стратешка глобална улога, треба уште еднаш да го преземе своето стратешко лидерство во политиката на проширување со Западен Балкан. Руската агресија покажува, на најтрагичен начин, колку е важно проширувањето на ЕУ и вградувањето на земјите од Западен Балкан за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот. Ние не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана, особено во време кога на регионот, но и пошироко му требаат такви примери“, истакна Османи во обраќањето.

За време на дискусијата, според соопштението на МНР; европратениците изразијле поддршка за евроинтегративните процеси на Северна Македонија и било потенцирано дека земјата се покажала како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на воената агресија врз Украина, како и дека Западниот Балкан останува во врвот на стратешките приоритети на ЕУ и дека Европскиот парламент, преку своите механизми, ќе сѐ обидува да ја истакнува ваквата потреба.

Османи во ЕП, како што се наведува, имал одвоени средби и со евро-пратениците- Илхан Ќучук, известител на Европарламентот за земјава, Михаел Галер, координаторот на ЕПП во Комисијата за надворешни работи, Тонино Пицула, координаторот на социјалистите во АФЕТ, како и со Дејвид МекАлистер, претседавач на АФЕТ и член на ЕПП. Османи имал средба и со „Пријателите на Северна Македонија“ во Европскиот парламент, група која е составена од наши поддржувачи во ЕП и кои доаѓаат од различни парламентарни групи во ЕП.

Бугарија од 2020 година ги блокира преговорите на Северна Македонија со ЕУ инсистирајќи на решавање на билатерални прашања најмногу поврзани со историјата. Новите премиери на двете земји Кирил Петков и Димитар Ковачевски најавија нов пристап за решавање на проблемот.