Најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава е добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август.
Шунтаро Таникава (роден во Токио во 1931 година како единствениот син на филозофот Тецузо Таникава) е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува, не само низ возбудливите „води“ на јазикот, туку и во низата креативни преобразби во музика, филм, слика или калиграфско писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија. чии дела се преведени на многу јазици во светот, велат од фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, во Јапонија и во странство. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, плоден есеист, преведувач, автор на литература за деца.
Неговата дебитантска збирка „Две милијарди светлосни години самотија“ во 1952 година ги вчудовидела неговите поетски врсници и книжевни критичари како нешто со кое се сретнуваат за прв пат и со тоа се втемелува како новата одредница на јапонската поетика по Втората светска војна.
Струшки вечери на поезијата е меѓународен поетски фестивал што се одржува секоја година во Струга, Македонија.
Фестивалот започна во 1961 година, а до 1966 година се претвори во меѓународен културен фестивал.
Меѓународната награда „Златен венец“ се доделува на светски познат жив поет за животно дело во областа на поезијата.