Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека соработката со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и со воспоставувањето нов начин на комуникација. Тој вели дека кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста.
„Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња“, рече премиерот Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Витаминка“ во Прилеп.
Тој потсети дека Бугарија помогна при евакуирањето на македонските државјани од Украина.
Според Ковачевски, токму руската агресија врз Украина покажа дека Европа треба да биде обединета и силна, а тоа мора најпрво да се направи меѓу соседните земји.
Бугарскиот премиер Кирил Петков во денешно интервју за грчкиот весник „Катимерини“ рече дека даваат поддршка за ЕУ перспективата на Скопје, но додава дека е потребно, прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија со гаранции во Уставот.
„Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“, рече бугарскиот премиер.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија за влез во ЕУ, тврдејќи дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Со доаѓањето на нови влади во двете земји на почетокот на годинава преговорите меѓу Скопје и Софија се интензивираа.