Министрите на ЕУ дискутираат за нови санкции кон Русија

Министрите за надворешни работи и за одбрана од ЕУ денеска се среќаваат во Брисел за да разговараат за повеќе санкции против Русија поради нејзиниот неиспровоциран напад врз Украина. Министрите од 27-те земји-членки на Унијата исто така ќе разговараат за итна помош и за воената соработка.

Одлуката за дополнителни санкции „ќе доминира и нема да биде лесна“, изјави европски дипломат во пресрет на средбата. Има поделби за прашањето за забрана за увоз на руски енергенси, кое сè уште е нерешено.

Состанокот доаѓа пред низата контакти меѓу западните сојузници за Украина: Самит на ЕУ, Самит на НАТО и разговори на Г7, кои се планирани за оваа недела.

Полска и Балтичките држави се залагаат за поостри санкции, вклучително и забрана за увоз на руски нафта и гас. Сепак, Германија, која е многу зависна од рускиот гас, како и некои други членки на ЕУ, се противат на тоа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска изјави дека Европа ќе биде силно погодена во случај на ембарго за руска нафта, што ќе го наруши енергетскиот биланс на континентот.

Полска исто така сака да се стави поголем акцент на НАТО во заедничката одбранбена стратегија, изјавија европски дипломати за ДПА.

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников треба да ги информира министрите од ЕУ за актуелната ситуација во конфликтот. На состанокот ќе присуствува и молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Нику Попеску.